Кузман Јосифоски –Питу е најславното име на НОБ во Македонија, нејзин организатор, член на ЦК на КПМ, организатор на свикувањето на Првото заседание на АСНОМ, автор на неговите државотворни документи и народен херој.
Роден е во Прилеп 1915 година. Се школува во Прилеп и Битола, а право студира на Белградскиот универзитет. Таму зазема видно место во студенското движење. Активно работел на формирањето на македонското студентско друштво “Вардар,“Од 1938 година станува член на КПЈ, а во 1939 секретар на МК Прилеп. Организирал повеќе демонстрации во Прилеп. Во 1941 година е член на Пленумот на ПК КПЈ за Македонија. Еден e од најистакнатите организатори на вооруженото востание на македонскиот народ (1941-1944). Партиски дејствувал во Битола и Западна Македонија. Во март 1942 го формира Окружниот комитет за Западна Македонија и станува негов секретар. Во март 1943 е избран за член на првиот ЦК на КПМ и за член за Главниот штаб на НОВ и ПОМ. На 2 август 1943 на историското Преспанско советување, кое одиграло значајна улога во понатамошната национална борба на македонскиот народ Кузман поднел реферат посветен на 40- годишнината од Илинденското Востание, кој претставува нова верзија на историјата на македонскиот народ. Меѓу другото Питу посебно нагласил
”Денеска, кога македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да свети пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја… ”Така Кузман го истакнувал континуитетот на македонската националноослободителна борба при што повикувал на потребата од прибирање на сите внатрешни сили и создавање на една јака материјална снага во самата Македонија. Тоа за него значело создавање на полно единство на сите општествени класи и слоеви, единство на сите стари и нови борци, за слобода на Македонија, почнувајќи од старите револуционери- илинденци, стари војници па се до комунистите, со еден збор создавање на единствен македонски народно ослободителен фронт. Кузман Јосифовски – Питу покажал вонредни активности во подготовките за одржување на Првото заседание на АСНОМ. Од август 1943 е на партиска задача во Скопје. Во февруари 1944 загинува во една фашистичка блокада, без да ги осети плодовите од неговата борба за национална држава Македонија